Во СДСМ во тек е пребројување и ажурирање на членството во пресрет на изборите за нов претседател на партијата. Членовите го ажурираат своето членство преку електронска алатка и преку Општинските огранизации.
Процесот на активна регистрација се уште е во тек. Вкупниот број на членови кои активно се регистрирале преку онлајн алатката и преку Општинските организации ќе биде соопштен од страна на Централната изборна комисија откако ќе заврши предвидениот рок за регистрација, велат од СДСМ за „Фокус“.
Што се однесува до начинот на кој ќе се спроведе гласањето, од партијата објаснуваат дека како и на претходните избори, така и на овие гласањето ќе се одвива со членските картички и соодветни читачи поставени на секое гласачко место.
По утврдувањето на идентитетот на членот и неговото право на глас, членот гласа на тајно, непосредно гласање, по што во системот се потврдува дека тој го искористил правото на гласање.
Гласањето е тајно, преку заокружување на гласачкото ливче на кое се наоѓаат кандидатите за претседател на СДСМ. На секое гласачко место има кутии за гласање, секој член гласа тајно, велат од СДСМ.
Досега се пристигнати две кандидатури за нов лидер, од Фросина Ременски и од Димитар Ковачевски. Кандидатурите во моментов се разгледуваат од страна на Централната изборна комисија.
Откако ќе биде утврдена нивната уредност согласно критериумите, истите треба да бидат и официјално потврдени од страна на Централната изборна комисија.
Катерина Смилева Божиновска