Иако е во Америка, пејачот и композитор Ј.Ј. е еден од главните организатори на групата која го местела телефонското гласање на Скопскиот фестивал. Во групата се и К.С. и И.С. од План Б продукција, како и Б.В. од фирмата Видекс, информира МВР.
Ним им помагале уште 14 други лица кои се затекнати во двата стана кои се користеле како штабови за штанцање гласови.
При акцијата полицијата им открила преку 2.000 сим-картички од трите мобилни оператори и десетици телефони од кои се испраќале пораките со гласови за одредени пејачи.
Групата имала за цел да влијае врз резултатите од гласањето на фестивалот, односно да ги фаворизира пејачите кои однапред преговорале со групата за местење на крајниот исход.
Утврдено е дека пораки се испраќале за неколкумина, но сѐ уште не се открива за кого и колку гласови се испратени од откриените 2.000 картички. Секако дека поголема цел од влијанието врз резултатите на фестивалот, била поделбата на наградниот фонд кој изнесува 45 илајди евра.
МВР соопшти дека пејачите кои настапувале на фестивалот не се повикани во полиција, па дури ниту оние за кои постојат индиции дека знаеле за наместеното телефонско гласање.
Со оглед дека сѐ уште не е откриено кого фаворизирала групата од пејачите, за сега не се доведува под сомнеж првото место на Даниел Кајмакоски или пак, второто место на Тамара Тодевска. За МВР сѐ уште е рано да се процени дали евентуално полициската истрага ќе смени нешто во пласманот на пејачите и дали воопшто ќе има потреба одново да се гласа или да се организира фестивалот. Тоа секако ќе зависи и од организаторот МРТВ. Телевизијата, според МВР, немала престава дека некој однадвор организирал група за гласање.
Освен инволвираноста на некои пејачи, полицијата проверува и кои лица од мобилните оператори учествувале во акцијата, со оглед дека дале илајдници картички на непостоечки имиња и адреси. Најчести адреси што се наведени се „Беровска б.б.“ и „Партизанска б.б.“
Четворицата првоосомничени се товарат за компјутерски криминал и злосторничко здружување. Пријавата сѐ уште не е напишана затоа што истрагата може да стигне и до други вмешани во нерегуларното гласање.
Со оглед дека случајот е сериозен, полицијата ќе ја прошири истрагата за да утврди дали оваа група или некоја друга, на истиот начин местела и други музички фестивали, особено откако Министерството за култура воведе пристојни парични награди за првите тројца.