Гладен не се учи: Почна собирањето потписи за бесплатен оброк за сите ученици

by fokus

Група млади активисти денеска во Скопје започна и со физичко собирање потписи за петицијата за обезбедување бесплатен оброк за сите ученици. Граѓаните покажуваат огромен интерес и даваат поддршка на оваа идеја. Речиси и да нема минувач кој одбива да се потпише. За еден час беа собрани 500 потписи.

Онлајн верзијата на петицијата беше пуштена вчера и за само 24 часа собра повеќе од 1.000 потписи.

Со оваа петиција се бара Министерството за образование и наука (МОН) да обезбеди бесплатен оброк за секој ученик во сите основни и средни училишта на територијата на целата држава.

 

Истражувањата покажуваат дека во 2022 година секое трето дете не добива ниту еден здрав и квалитетен оброк во текот на еден ден. Во семејства со 3 или повеќе деца, речиси половина од децата немаат ниту еден здрав оброк во текот на еден ден. Ова значи дека речиси половина од децата во нашата држава постојано гладуваат или се хранат нездраво и недоволно, како резултат на сиромаштијата и економската криза.

Според истражувањата, придобивките од воведување бесплатен оброк кај учениците е веќе неопходност. Новата анализа којашто ја презентираа УНИЦЕФ и Аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ посочува дека околу 33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата поради кризата со храна и енергија.

Петицијата ја почнаа група млади активисти од повеќе различни градови, а со поддршка на Здружение за едукативен развој Еквалис. Фокус е медиумски партнер на иницијативата.

Онлајн петицијата може да ја отворите на овој линк.

К.С.Б.

Поврзани новости