„Се надевам дека сите членови на Судскиот совет ќе свртат нова страница и ќе се обидат да ги спроведат препораките на оценката мисија на Европската комисија“.
Ова денеска го изјави шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир одговарајќи на новинарско прашање како го оценува вчерашниот состанок со претседателката на Судскиот совет – Весна Дамева.
„После одлуката на Управниот суд покажав заинтересираност да се сретнам со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева. Како што можете да забележите, јас не се сретнав со нејзиниот претходник, со што ја искажавме нашата загриженост во врска со начинот на кој беше таа разрешена, но и за начинот на кој беше избран тогашниот претседател. Причината на оваа средба со Дамева беше да разговараме за состојбите во Судскиот совет, како и во врска со препораките на оценската мисија на Европската комисија и мерките кои ќе бидат преземени од страна на советот“ – рече Гир.
Според него, тоа бил продуктивен состанок.
„Се надевам дека сите членови на Судскиот совет ќе свртат нова страница и ќе се обидат да ги спроведат препораките на оценката мисија на Европската комисија, за компетенции кои ги имаат тие“ – рече амбасадорот Гир.