Евроамбасадорот Дејвид Гир се надева дека уставните измени ќе се донесат што поскоро и уверува дека по нив нема да има други дополнителни одлуки на европскиот пат.
– Би сакале и се надеваме дека ќе ги видиме овие промени направени што е можно поскоро за земјата да го искористи овој моментум да се придвижи решително на нејзиниот евроинтегративен пат. Јас навистина многу се надевам ќе биде можно да се усвојат уставните измени, зашто верувам дека местото на оваа земја е во Европската Унија и сакаме да ни се приклучите што е можно поскоро, додека во меѓувреме се имплементираат сите реформи кои се неопходни за да се биде полноправен член на ЕУ – рече евроамбасадорот Дејвид Гир.
Неговиот одговорот доаѓа по изјавата на претседателот Пендаровски кој смета дека доколку нема двотретинско мнозинство за уставните измени до крајот на годинава, за нив треба да одлучува идниот парламентарен состав.
Според Пендаровски, Македонија не треба да се откаже од процесот, но цени дека земјава изгуби година и половина на уставните измени.
– Јас сум тој првиот кој јавно рече дека сум за францускиот предлог бидејќи тоа не ја урива Македонија. И јас ќе бидам до крај за тоа да ги направиме уставните промени час поскоро. Не бегам од тоа. Втората страна е, ако немаме шанса да дојдеме до две третини, ако под претпоставка не можеме да го направиме ова првото денес, утре, задутре… до крајот на годината, да ја мавнеме таа работа, да ја ставиме ад акта и да му дозволиме на утрешниот парламентарен победник и коалиција да се занимава со тоа прашање. Бидејќи знаете со сила убавина не бива“, рече Пендаровски во интервју за тв Телма.