Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, на денешниот панел „Регионалните иницијативи и европската интеграција“, рече дека регионалните иницијативи не се алтернатива за членство во ЕУ. Според него, тие служат да се донесат клучни играчи за да отворат дискусија за прашања од заеднички интерес.
Тој потсети дека Македонија направи голем прогрес на својот евроинтегративен пат во последните неколку години што кулминираше да се отвори преговарачкиот процес минатиот јули.
„Како што земјата оди напред со очекуваните промени во својот Устав и се надевам ќе биде можно овие дискусии да бидат проследени на еден инклузивен и толерантен контекст каде дури постојат големи разлики“ рече Гир.
Оцени дека регионалната соработка и регионалната ЕУ интеграција треба да одат заедно рака под рака.
„Тие се комплементарни и се поврзани со концептот што го почнавме. Сега дискутираме за заеднички пазар на Западен Балкан како елемент за интеграција. Ова беше усвоено во Софија во 2020 година, што значи слободно движење на услуги капитал и луѓе. Покривање аспекти на дигитализација, инвестиции и иновации и индустриски политики, сето тоа може да промовира подобра регионална економска интеграција, како и витална интеграција во пазарот на ЕУ“ – рече Гир.
Извршниот директор на Стопанска комора, Антони Пешев, пак, вели дека се стекнува впечаток дека најголем дел од овие иницијативи се чисто политички и дека се измислени во кујните на политичките елити и во изминатиот период тие биле направени само за да се покаже дека нешто се случува.
„Можеби политички изгледа дека Отворен Балкан е растурање на глобалната иницијатива и филозофија на наше приклучување кон ЕУ, но бизнисот, животот, не може да чека, тоа мора да го имаме предвид кога разговараме за политичките трендови“ – вели Пешев.
Тој истакна дека пред 20 години бил голем оптимист за нашата европска интеграција, а пред 15 години почнал да имам дилеми за нашето европско интегрирање.