Нема план Б, целта е пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Оптимист сум. Сега следува усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори, изјави амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир во интервју за МИА.
– Овие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. Во меѓувреме, она што е важно, е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред, подвлече Гир.
На прашањето на МИА дека очигледно за ЕУ е хендикеп вклучувањето на билатералните спорови во процесот на проширување, а особено е опасно историјата да стане предуслов за членство, Гир вели дека во овој случај важен е фокусот на две работи – Северна Македонија и Бугарија да го решат спорот на билатерална основа и земјава да ги забрза реформите.
– Нема да одам во детали за тоа што е дискутирано. Важно е да се фокусираме на она што е важно во овој случај. Две работи се неопходни – првата е Република Северна Македонија и Бугарија да продолжат да се ангажираат да ги решат своите прашања на билатерална основа и второ – во меѓувреме Владата тука да го имплементира и да го забрза реформскиот процес. Зошто тоа е важно – прво, заради тоа што е од најголема важност за граѓаните, но второ реформите, и реформите поврзани со ЕУ се најбрзиот начин да се приближите и да се приклучите кон европското семејство, дециден е Гир.
Целосното интервју ќе биде објавено утре.