Не би било соодветно за мене како амбасадор на Европската унија да дебатирам и коментирам за внатрешни домашни политички случувања во земјава. Ова беше одговорот на амбасадорот на Европската унија Дејвид Гир на новинарско прашање како ја коментира декларацијата на коалицијата Европски фронт за етнички изборен легитимитет за која беше посочено дека ќе биде испратена до сите локални и меѓународни институции.
За политичките состојби во државата Дејвид Гир рече дека очекуваат скоро да се формира нова влада од која очекува да ги продолжи евроинтегративните процеси.
-Имавме меѓународна набљудувачка мисија за изборите тука во земјата, тие ги истакнаа прелиминарните заклучоци дека изборите се одржаа во демократска и мирна средина и атмосфера и се разбира го очекуваме нивниот завршен финален извештај за изборите. Со нетрпение очекуваме да се формира што е можно поскоро стабилна Влада којашто ќе ги преземе сите неопходни чекори за имплементација на сите реформи се со цел да ја донесе т.е зачлени земјата што е можно поскоро во Европската унија – рече Гир по денешното отворање на Европска куќа во Тетово.
Ќе соработуваме, дополни евроамбасадорот, со сите чинители кои ќе соработуваат за постигнување на целта за реализација на пристапниот процес на вашата земја колку што е можно поскоро.
-Се разбира ќе соработуваме со сите и очекуваме сите тие политички чинители кои ја изразија таа посветеност и таа заложба за време на изборниот процес да продолжат да го дадат тој придонес се со цел да го поддржат членството на вашата земја колку што е можно поскоро во рамките на Европската унија- изјави Гир.
Евроамбасадорот смета дека Преспанскиот договор, Охридскиот рамковен договор и Договорот за добрососедски односи со Република Бугарија, секој на различен начин, имаат донесено значителни придобивки за земјава и вели дека затоа за Европската Унија е од огромно значење да се работи на целосна имплементација на трите договори.
-Преспанскиот договор за којшто се води толку жешка дебата во овој момент има донесено енормни придобивки за вашата земја. Трговијата меѓу Северна Македонија и Грција се има двојно зголемено по потпишување на Преспанскиот договор, развиена е културната соработка, а комуникацијата помеѓу народите на двете земји се има зајакнато исто како и соработката помеѓу двете земји и соработката на воено поле помеѓу војските на двете земји, рече Гир.