Јасно е дека дискусијата дали да се продолжи со овој ревидиран француски предлог или не е во рацете на оваа земја. Не е на ЕУ, не е на Претседателство, ниту на друга земја членка на ЕУ, рече денеска евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето на форумот „Западен Балкан и ЕУ во 2022: што престои“.
Според него, тоа не значи дека земјата треба да прифати секаков предлог или францускиот ревидиран предлог.
– Земјата треба да одлучи, но тоа е фактор во изборот и тој избор да се направи смирено и со дискусија. Предлогот е секако компромис, многу чувме за тој компромис, некои оценки се фер, некои далеку од вистината, изјави Гир.
Тој вели дека јавната дебата е тешка и емотивна и оценува дека е направена штета што досега се доцни во унапредувањето на пристапниот процес.