„При назначувањата во јавните институции, важно е тие да се прават врз основа на заслуга тоа значи – квалификација, вештини, искуство, а не врз основа на припадност на партија или некои лични врски. За различните тврдења во поглед на надворешните политички влијанија ги повикуваме властите да ги истражат и да делуваат во однос на резултатите од тие истраги“.
Ова денеска го порача евроамбасадорот Дејвид Гир, по последните случувања во М-НАВ.
Тој истакна и дека постојат обврски кога станува збор за воздушната навигација и обврските кон ЕУ во поглед на имплементирањето на тие обврски.
„Тука се вклучува гарантирањето на независноста на телото кое што е одговорно за воздушната навигација, а второто се однесува во поглед на регрутирањето и ангажирањето дека се исполнети правните прашања и оти човечките ресурси се користат на начин што ќе ја гарантира безбедноста, исплатливоста и ефикасноста на самата служба за воздушна навигација“ рече амбасадорот Гир на прес-конференција во Министерството за одбрана.
За упадот во зградата на Воздушната навигација, заканите и насилството, тој нагласи дека тоа се прашања кои што треба да бидат истражени и доколку постои загриженост треба да се реагира за тоа.
За одлуката на Судот, да не им изрече мерка притвор на инволвираните во упадот рече дека јасни се обврските на државата во однос на овој систем кој е дел од критичната инфраструктура.
„Обично како амбасадор немам обичај да коментирам одлуки на суд, меѓутоа сметам дека јасно кажавме кои се обврските по однос на гаранцијата на заштитата на овој систем, но не само на овој туку и на системите од критичната инфраструктура“ рече Гир.