„Сите чинители во С. Македонија, Албанија и Грција, националните и локалните власти, граѓанското општество, бизнис заедницата и меѓународната заедница треба заедно да работат за да изградат одржлива иднина за Преспа“ истакна денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на промоција на проектот „ЕУ4Преспа“ во Ресен, посочувајќи дека со подобро собирање и третирање на отпадните води, менаџирање на цврстиот отпад, како и со отварање на граничниот премин „Маркова нога“ ќе се овозможи да се заштити природното и културното наследство на регионот.
„Комбинација на ефекти од глобалното затоплување и човечката активност има драматичен удел врз нивото на водата на Преспанското Езеро, а со тоа и на опкружувањето што живее тука. Време е за акција да се обидеме да го свртиме овој тренд“ – рече тој.
Според него, успехот да се заживее Преспанскиот регион зависи од централната и локалната власт, вклучувајќи инвестиции и од државниот буџет.
Вкупната вредноста на програмата е 21,5 милиони евра, од кои 18 милиони евра, се обезбедени од Европската Унија, кои, според Гир, ќе овозможат зазеленување на бизнисите на локалните змејоделци и туристичките провајдери и да ги креираат своите работни места.
„Се надевам дека резултатот од оваа инвестиција ќе придонесе за отворање на граничниот премин ‘Маркова нога‘. Немам точен датум кога би се отворил, но самата намера на властите на Република Северна Македонија и Грција, и на Европската комисија која е вклучена во ова преку фондови да може овој граничен премин да проработи ќе придонесе за развој на меѓуграничниот регион“ – рече Гир.
Проектот е финасиран од Европската Унија и од УНДП, а на денешната промоција во Ресен покрај евроамбасадорот Гир, присуствуваа и претставник од УНДП Армен Григориан, градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски, првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити и министерот за земјоделство Цветан Трупуновски.