Министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, денеска ја посетија Гинекологија „Мајка Тереза“ во Чаир, откако беше констатирано дека оваа здравствена установа се грее на мазут и прави огромно загадување на воздухот во Скопје.
Како што истакна Макрадули, донирани се прочистувачи за воздух во вредност од 10.000 евра, кои многу ќе помогнат за новороденчињата да бидат заштитен.
„Имавме среќа што добивме донација од 10.000 евра за прочистувачи за воздух. Тие се висококвалитетни и најважно е најмалите да бидат заштитени. Тие веќе се поставени, а контролираат колкаво е загадувањето. Додека не се реши проблемот, ние продолжуваме со континуирана борба против загадениот воздух. Што се однесува до мазутот како сериозен загадувач, повеќе од јавните институции се топлат на мазут, а планирано е да се направи замена за гас. Преку тоа ќе се заштеди и буџетот на Македонија“, рече Макрадули.
Министерот за здравство, Венко Филипче, верува дека оваа, но уште неколку болници низ Македонија наскоро ќе се приклучат на гас.
„Уште на почетокот на минатата година, ставивме акцент на подобрување на условите. Во рамки на тој проект се донесе нова опрема, а резултатите во оваа сфера значително напредуваат. Верувам дека во краток рок ќе се завршат сите овие постапки и оваа болница, и уште неколку други низ државава ќе може да се приклучат кон мрежата за гас“, истакна Филипче.