Средното училиште Ѓорче Петров од Кавадарци заедно со училиштето Ќиро Спанџов – Брко, донираше десет ќебиња и десет перници за Ковид-19 одделението во кавадаречката болница.
Информацијата за донацијата ја објавија од кавадаречкиот Црвен Крст, потенцирајќи дека целта не е да се пофалат кој колку донирал, туку да се мотивираат компаниите и организациите кои можат да донираат, да го сторат тоа во овие тешки мигови за државата и за болните од корона вирус.
СОЗШУ Ѓорче Петров од Кавадарци изминатиот период беше актуелно во јавност поради обвинувањата дека добило средства од Националната агенција за дресирање на магариња, што директорот Горан Велковски го демантираше, појаснувајќи дека средствата се одобрени, но не и добиени, а се наменети за обука на ученици и наставници, за одгледување и ветеринарна заштита на магариња.
Покрај овие средни училишта од Кавадарци, свои донации до Ковид-19 одделот во болницата доставија и Лајонс клуб Тиквеш, и тоа 50 перници, како и Црвен Крст Кавадарци, 80 ќебиња и 50 комплети постелнина за единечни кревети.
Минатата недела директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев изјави дека голем број на општествено одговорни компании излегле со свои донации за ковид одделението и се обезбедиле боци за кислород, регулатори за истите, скафандери за мултикратна употреба, како и постелнина.
Вики Клинчарова