ФИНКИ го виде Бранко, но за новата зграда ќе причека веројатно подолго време. ГИМ потврди дека се прошири низ целиот Западен Балкан и достигна 350 вработени, а Копаоник за прв пат, наместо на планина, се одржа покрај две реки
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија
(од лево кон десно) Горан Свилановиќ, Бранко Азески, Александар Влаховиќ, Властимир Голубовиќ, Ненад Ѓурѓевиќ
Неделава што измина како да не врати во нормалниот живот пред пандемијата, иако мислам дека е тоа прерано. Па така некако, и мојата недела започна со учество на 28. издание на „Балканскиот Давос“, Копаоник Бизнис Форум, заедно со моите колешки Наташа Јаневска и Даниела Михајловска Василевска. Иако за прв пат се одржа он-лајн, панелистите беа во живо и како и секогаш, одлични.
Крајот на неделата го одбележавме со две значајни посети, на водечкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со преку 1.000 запишани студенти годишно, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Градежниот институт Македонија, една од нашите најдобри членки, на која бев да проверам неколку факти, значајни за нашето понатамошно работење. Значи, повторно меѓу членките во живо и морам да кажам дека тука се чувствувам најпријатно, затоа што таквата непосредна комуникација не може да се замени со ништо.
Во меѓувреме, беа одржани средби со повеќемина личности, кои исто така се приклучија на новиот концепт на „Комора на иднината“ која деновите доживува кадровско заокружување. Можам слободно да најавам дека многу брзо, покрај соопштенијата од Управниот одбор, од Собранието и од другите органи, во јавноста свои ставови ќе почнат да соопштуваат и Советите за напредни технологии, за развој на индустријата и извозот, за новите вештини на кадровските решенија кои му се потребни на бизнисот, за Судот на честа итн. Но, и за почетокот на втората фаза на вакцинацијата на бизнис заедницата која што минатата недела започна заедно со министерството за здравство.
Но да појдеме по ред.
Нормално Коморскиот инвестициски форум како секогаш имаше централно место на отворањето на Балканскиот Давос што се одржуваше под слоганот: „Светот по Ковид-19: Нови извори на раст во промената на деловните услови“. Три клучни компоненти се содржат во моите пораки упатени од овој незаобиколен бизнис настан:
- Министерство за регионален развој;
- Приоритет на здравството и образованието и
- Автопатишта без граници
Очигледно е дека нашите членки бараат конкретност, а во пораките има конкретност колку сакаш.
- Ако сакаме остварување на приоритетот, тоа се вика регионален пристап, а алатката за неговото остварување е формирање на Министерства за регионален развој во сите 6 земји на Западен Балкан.
- Ако пак сакаме промена во менталитетот, тогаш мораме здравството и образованието да ги ставиме на врвот на пиедесталот.
- И, ако сакаме да ги оправдаме големите инвестиции во автопатиштата, тогаш мора да ги елиминираме границите, зашто предноста што ја добивме со автопатиштата во брзината на движење, ја губиме во чекање по границите.
Овие мои пораки ги прифатија и д-р Горан Свилановиќ, поранешен министер за надворешни работи на СР Југославија, кој ќе ни помогне во подигањето на повисок степен на соработка на регионално ниво и на односите со Европската унија, особено за проектните активности; д-р Иван Чорбев; деканот на ФИНКИ; Марјан Николов од Центарот за економски анализи; проф, д-р Горан Петрески од Економскиот факултет; Тони Стојановски директор во Стопанска Банка АД Скопје; Васко Кроневски, сопственик на Нексенс, кои се придружија во значајните форми на нашето организирање.
Во вториот дел од неделата реализиравме средби со две значајни институции од кои испорачуваме и конкретни резултати. Д-р Иван Чорбев, деканот на ФИНКИ, се придружи на тимот експерти во Советот на напредни технологии, а факултетот за ИТ и Стопанската комора, договорија заедничка проектна активност со Европската Унија во наредниот период.
Во посета на ФИНКИ
Градежниот институт Македонија, кој цели 40 години доставува одржливи и градежни услуги со високи перформанси, со своето високо реноме, потврди дека клучен проблем што ги забавува градежните активности во нашата земја, а со тоа и инвестициите, е фукционирањето на државната администрација која почнува и завршува со ново воспоставено мото „Не потпишувам ништо, да не одам во затвор“
П.С. Оваа недела активностите се префрлаат во Охрид. Економскиот факултет од Љубљана, еден од најдобрите европски факултети според Шангајската листа, и охридските бизнисмени и водечките македонски економисти ќе бидат целни групи со кои ќе разменам мислења за клучни економски прашања, значајни во период за излез од ковид кризата.