Босанскиот пејач Амар Гиле, кој на македонската публика и го претстави Лилјана Петровиќ, менаџерката на Тоше Проески, ќе одржи голем концерт во Скопје.
Настанот ќе се случува на 11 мај во ВИП арена Борис Трајковски, а Гиле ветува голем музички спектакл.
-Ова е мојот прв голем концерт пред публиката во Македонија. Досега пеев во клубови и секогаш беа преполни. По концертите кои ги имав во Зеница и во Бугарија, на ред дојде и арената Борис Трајковски во Скопје. Доаѓам со мојот комплетен бенд кој што ме следи на сите настапи. Публиката ќе може да ги слушне моите песни, но и хитови од други пејачи. До мај, односно до одржувањето на концертот ќе бидат промовирани уште три нови песни. Двете ќе се пуштат во етер овој месец. Едната од нив се вика ,,Промена’’ и ја напиша Јелена Трифуновиќ, соработничка на Тоше, со која тој направи неколку хитови. Потоа излегува дует со мој пријател кој е насловен ,,За сите пари’’. До концертот ќе снимам и една балада. Со мојот тим имаме видео продукција во која снимаме спотови и за други пејачи, така што за мојот концерт во Скопје подготвуваме врвен музичко сценски спектакл и добра журка, нешто што е дел од сите мои настапи низ Балканот – раскажува за ,,Фокус’’ Гиле.
Околу тоа која е улогата на Лилјана Петровиќ во неговата кариера, тој вели дека сепак се е повеќе на пријателска база, отколку нешто официјално. Раскажува дека таа му помогнала да оствари контакти со луѓе од шоу бизнисот во Македонија и пошироко, но сепак не е дел од неговиот менаџерски тим.
-Лилјана Петровиќ ми помогна со контактите, таа е добра пријателка со мене и мојот менаџер, но сепак не е дел од мојот менаџерски тим – вели Гиле, кој лани, во декември имаше настап во ноќен клуб во Прилеп.
Тогаш Петровиќ ни раскажа дека започнала соработка со него, но не како менаџер, туку била задолжена за неговата соработка со медиумите и не го придружувала на патувањата. По смртта на Тоше, тој е првиот пејач за чија кариера се залага Лилјана, која живее во Ниш, Србија, и е посветена на одгледувањето на лаванда.
Вики Клинчарова