Наташа Димитриевска, младата жена која во 2018 година остана без својот 32-годишен сопруг и плодот во неа, откако возачот на џип „ситроен“, Васил Чорбаџиев, поминувајќи преку двојна полна лента, го пресекол патот на мотор со кој се возеле младите сопружници. На возачот, Чорбаџиев, судијката Елена Јосифовиќ вчера му изрече условна казна откако го признал делото уште на првото рочиште, кое се одржало на 2 септември, пишува“360 Стпени“.
Семејството на оштетените е разочарано, но не се откажува од правдата.
Наташа Димитриевска, која и самата била во животна опасност по сообраќајната незгода, сега е исправена пред нова борба. Покрај емоциите, мора да докаже со факти дека институциите згрешиле во нејзиниот случај. Предноста на младата жена е тоа што и самата е адвокат, па веќе гради „случај“.
Работи на претставка и против судијката во случајот, Елена Јосифовиќ, и против обвинителката која го водела предметот, Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска.
-Ќе поднесам претставка до Судскиот совет во однос на работата на судијката, затоа што сум револтирана од нејзината одлука. Ќе пуштам претставка и до Советот на јавни обвинители во однос на работата на предметниот обвинител, бидејќи моравме самите да ги поправаме грешките и недостатоците во овој предмет“, вели Наташа Димитриевска за „360 степени“.
Еден од аргументите на Димитриевска против судијката, секако, е висината на казната, која смета дека мора да биде повисока со оглед на кривичното дело и последиците од него. Но, има забелешки и на водењето на судењето, бидејќи смета дека иако имале право, судијката не им дозволила на оштетените да присуствуваат на моментот кога обвинетиот признал вина пред судот.
Против обвинителката која го водела предметот, ќе поднесе претставка од неколку причини.
-Прво, обвинителството има рок да донесе одлука по кривична пријава во рок од три месеци или во покомплицирани случаи во рок од шест месеци. Сообраќајката се случи во октомври 2018 година, а јас за првпат дадов исказ дури на 4 јули 2019 година, односно речиси девет месеци по сообраќајката. Тогаш за првпат ја дадов и медицинската документација, вели оштетената Димитриевска.
Во текот на постапката пред Обвинителството, на Димитриевска и станало јасно и дека има грешки во записникот на СВР Скопје за случената сообраќајка, каде пишувало дека моторот кој го управувал нејзиниот сопруг не бил регистриран. На барањето да се исправи грешката, обвинителството ја упатила сама да си ја заврши работата.
-Исправката на тие грешки, иако доставив сообраќајна дозвола и осигурување ми ја препушти на мене, бидејќи не било во нејзина надлежност. Ги исправив сама грешките во СВР Скопје и ги доставив до Обвинителството, вели Димитриевска.
Уште една „грешка“ која за Димитриевска е исклучително важна е што во обвинението не било наведено дека во сообраќајката, освен сопругот, таа го загубила и плодот во неа.
-Известен беше обвинителот за мојата бременост и дека плодот е изгубен поради сообраќајната незгода. Беа доставени документите со коишто располагав, но истите не беа наведени во обвинението и обвинителката ги немаше набавено. Утрото, на 2 септември, пред самото судење полномошникот Тумановски ги набави и тие документи и инсистираше да бидат внесени во обвинението, вели Димитриевска за „360 степени“.
Освен за пресудата, и Наташа Димитриевска и родителите на загинатиот Гоце се огорчени што при изрекувањето на казната практично биле сами. Вчера во 11 часот и 30 минути, во судската сала биле присутни судијката, оштетените и адвокатот на сега веќе осудениот.
На изрекувањето не дошла ниту обвинителката која го водела предметот ниту пак осудениот, кој два дена претходно призна вина.