А бе денес 12 институции завршив. Имам изработено цел систем за гласање, многу е добар, ама не е за по телефон, вели екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во еден од необјавените прислушувани разговори, кои денеска беа емитувани во судница на рочиштето по предметот „Титаник“.
„Со „Зегин“ е веќе зборено“, додава Јанакиески во истиот дијалог, а во разговор со друг соговорник дава до знаење дека преку маил на соговорникот му препраќа списоци со 2.000 луѓе, од Златко „Кадис“ и од Јорданов „Макстил“, како што вели.
Во една од разговорите, воден пред вториот круг од локалните избори, Јанакиески бара од соговорниците да украдат избирачки списоци за да се дознае кој гласал, а кој не, за да им биде извршен притисок на граѓаните.
Јанакиески го прашува соговорникот дали ќе му го даде избирачкиот список, на што тој одговара дека треба прво да му дадат клуч.
„Многу тешко е тоа и со претседателот зборев, зашто се 245 кеси“, му вели соговорникот, а Миле инсистира: „Пробај, те молам“.
Во еден од разговорите се јавува гласот на Сашо Мијалков, кој му вели на Јанакиески дека не треба да зборуваат по телефон бидејќи не се знае кој може да ги прислушува.
Мијалков потоа му вика дека успеал преку Тачи и Ахмети да обезбеди 800 гласа во корист на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги стегнав шиптариве, ги стегнав циганиве. Бев со Тачи и со Адеми, ги наговорив сите нивни да излезат. Договорив со нив за секоја куќа да има по еден човек да ги носи на гласање. 400 да даде ДУИ, 400 Тачи и уште 700 ваму, ете ти ги 1.500‘“, вели Мијалков во прислушуваниот разговор.
Од разговорите кои беа емитувани денеска се дознава дека екс министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, се сложила по барање на Јанакиески да се регрутираат на гласање уметниците од театрите, балетот и операта.
Во бомбите се јавува и советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Ирена Мишева, кога вели дека ќе притисне до максимум и преку директорите на јавните претпријатија.