Спасувачките екипи се уште се на терен и ги пребаруваат вагоните, бидејќи се стравува дека во составот се уште има повредени и жртви, додека од местото на трагедијата доаѓаат шокантните приказни за преживеаните и членовите на семејствата на настраданите.
Меѓу нив е и шокантното сведоштво на Антонија, чиј 40-годишен сопруг и малиот син (5) биле во првиот вагон.
Во судирот со товарниот воз речиси целосно се уништени првиот и вториот вагон на возот, како што изјави регионалниот гувернер.
Антонија ги опиша драматичните моменти низ кои минувала по смртта на сопругот и синот. Како што рекла, последен пат разговарала со нив непосредно пред да се качат во возот, објави локалниот портал „Dialogos.com“.
– Јас сум на седативи. Мојот сопруг и мојот петгодишен син си заминаа. Беа во првиот вагон, мојот сопруг го резервира првото место за да му направи на нашето малечко да му е поудобно. Некои функционери доаѓаат и изразуваат сочувство. Дали некој ќе ми ги врати детето и мојот сопруг? Што ќе ми донесат овие луѓе? Апсолутно ништо. Отпуштете ги сите, сите се бескорисни“ – налутено изјавила Антонија.
Министерот за транспорт поднесе оставка по трагедијата додека беше уапсен шефот на железничката станица.
Премиерот Киријакос Мицотакис рече дека сè укажува на човечка грешка. Возовите во четврток нема да сообраќаат во Грција поради штрајкот на железничарите.
Антонија морала да оди во Општата болница во Лариса за да ги идентификува телата на нејзиното дете и сопругот.
– А кога заминав, што видов? Не најдов ништо. Добив пепел. Што, јас треба да ја препознаам пепелта? – праша таа.
– Не можам да ги погребам сопругот и детето. Ги ставив сопругот и детето во воз, а добив пепел – изјавила Антонија.
Таа призна дека „воопшто не се чувствува добро“.
– Луѓето се уште си ги бараат децата. Што ќе им кажат на овие мајки тие што се појавуваат на телевизија? – праша таа.
Сè уште има исчезнати лица по тешка сообраќајна несреќа.