Ги прекршил мерките за да го види новиот стадион на АЕК

by Fokus

Средовечен Грк бил казнет со 150 евра за неоправдано движење, откако отишол да го види новиот стадион на фудбалскиот клуб АЕК, што е во изградба, а челниците на тимот ќе му ја платат казната и ќе му дадат сезонски билет, јави дописничката на МИА од Атина.

Според медиумите во Грција, станува збор за верен навивач на атинскиот клуб, кој двапати седмично, со автобус, го посетувал новиот стадион и ја следел изградбата, иако се наоѓа во друга населба, неколку километри од местото каде што живее.

-Тргнав да го видам стадионот на АЕК, вели Константинос Фотинос за телевизијата „Антена“, објаснувајќи дека го запрела полиција, ја немал потребната потврда и му била напишана казна од 150 евра.

Додава дека виновна е неговата сопруга бидејќи направила грешка во потврдите што се неопходни за излегување од дома.

За целиот случај, реакција стигна од атинскиот фудбалски клуб и со одлука на сопственикот, казната ќе ја платат тие, на нивниот верен навивач ќе му го доделат првиот сезонски билет за натпреварите на АЕК на новиот стадион, но и му упатија препораки да не ги крши мерките за забрана на движењето.

Поврзани новости