Сега живеам од пензијата, заштедата и од авторските права. Сите од мојот бенд имаат своја професија од која заработуваат, настапите им се само извор на дополнителна заработка, затоа сум мирен од таа страна. Нема настапи, ми преостанува да трошам од заштедата и да си молчам – раскажува за ,,24 сата” популарниот музичар Халид Бешлиќ (68), кој откако започна пандемијата со корона вирус, живеел изолирано и ги откажал големите концерти и турнеји.
Во изминатите две години настапил само десет пати, а пред пандемијата месечно имал и по 20 гостувања. Добил многу понуди за настапи, станувало збор за големи суми на пари, но сите ги одбил.
-Живеам од музиката, но морав да ги одбијам сите понуди за настапи на приватни забави кои постојано ги добивам. Нема пари кои ќе ме натераат да пеам додека луѓе лежат по болници и се борат со вирусот. Јас не треба да се докажувам, ќе запеам тогаш кога ќе биде време за тоа, ги почитувам правилата. Од почетокот на пандемијата само еднаш се случи да ги прекршам мерките и да отидам на забава, но ја научив лекцијата.
За дочекот на Новата година имав настап во хотел, но сите концерти кои беа планирани, и тоа во Истанбул, Дубаи, Америка, Канада, Западна Европа, сите ги откажав. А токму тие концерти ја носат и заработувачката.
За нас, постарите пејачи е полесно, имаме заштеда, но сфаќам дека на младите колеги им е тешко. Тоа се луѓе кои треба да заработуваат. Како тие ќе можат да заштедат, кога нема работа поради пандемијата?-прашува Бешлиќ.
Вели дека добрата страна на пандемијата и на изолацијата е тоа што успеал да прочита многу книги. Имал повеќе време за себе и за сопругата Сејда, со која често шетале во природа.
-Ги прочитав книгите кои постојано ги одложував поради честите патувања и концерти. Одам со маска во продавница, купувам што треба, со сопругата Сејда се шетаме во природа, и така живеам веќе две години. Верувам дека на пандемијата се уште не и се гледа крајот, па затоа сите треба да внимаваме- раскажа Бешлиќ.
Вики Клинчарова