Ги ловам со стрела – поранешниот градоначалник на Росоман се пофали со убиените диви свињи

by Fokus
Поранешниот градоначалник на Општина Росоман од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Стојанче Лазов, се пофали дека со стрела убивал диви свињи.

На својот Фејсбук профил тој објави неколку фотографии покрај убиените и крвави животни, со пораките:„ Нека се ловат, и со стрела се може, и Нека се плодат, нека се ловат“.

Лазов е познат како страсен ловец и ова не е прв пат тој да се пофали со уловот на социјалните мрежи. Но, исто така, тој не е единствениот политичар кој што ужива во ловот на диви животни. Минатиот април на социјалните мрежи беше објавена фотографија на која голем број на бизнисмени и политичари, позираа покрај дури 57 застрелани диви свињи во ловиштето Јасен.

Тогаш остро реагираа од Здружението за заштита на животните Анима Мунди, а дел од политичарите на фотографијата се оградија, тврдејќи дека не убиле животни, туку се нашле во друштво на ловците, а и самите се згрозиле од сликата на крвавите животни.

„Амбиент од штотуку масакрирани интелигентни и свесни живи битија, мирис на крв е нешто што предизвикува на секој нормален човек да му се згади. Но, не и на наоружани до заби насилници умствено заглавени некаде таму во пештерско доба, кои во убивањето и смртта на послабите доживуваат своевидна екстаза, чувствуваат доминација и сила; задоволство – нас не би не чудело – слично на онаа при сексуално доживување“ – порачаа тогаш од Анима Мунди.

Од здружението од поодамна бараат измени на постоечкиот закон за лов и се надеваат дека владата ќе го разгледа нивниот предлог. Поставувањето на фотографии со заловените крвави животни редовно наидува на осуда од страна на борците за права на животните, но сепак, голем број на ловџии не можат да одолеат, а да не се пофалат со уловот, без разлика колку нехумано изгледаат фотографиите и какви чувства предизвикуваат кај јавноста.


Вики Клинчарова


Поврзани новости