ЕВН: Едно семејство од Студеничани држи во заложништво сто домаќинства кои во моментов се без струја

by Fokus

Два нисконапонски изводи во скопското село Студеничани во моментов се без напојување како резултат на преоптоварување поради кражби и неконтролирано користење на електрична енергија во тој дел од селото, соопшти денеска од ЕВН.

Дефектот, како што наведуваат, не може да се отстрани поради едно одредено семејство кое, како што велат, практично ги држи другите 100 домаќинства во заложништво без снабдување со струја.

Според информации на терен, семејството Идризи веќе подолго време присвоила и оградила улици на подрачје од 30-тина куќи и ги спречуваат екипите на ЕВН да го санираат дефектот. Неопходно е да се санира дефектот и реконструира мрежата за да се овозможи легално приклучување и мерење на електричната енергија. Нашата законска обврска е да им обезбедиме на сите граѓани стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија, велат од Електродистрибуција и додаваат дека вложуваат напори да се надмине ситуацијата.

Синоќа без струја останаа и жителите на Слупчане, кои протестираа палејќи гуми пред влезот на селото и не дозволувајќи им на екипите на ЕВН да влезат и да ја санираат штетата што ја направиле. Поради влегувањето во трансформатор и обидите за сами да ја вратат струјата, без електрична енергија останаа уштре три села од липковско – Оризаре, Ваксинце и Лојане.

-По ваквиот обид на самоволно противправно приклучување, предизвикан е дефект од големи размери кој ги остави и соседните села без струја. Ваквите манипулации од нестручни лица се крајно небезбедни може да имаат многу трагичен крај со смртни последици. Село Оризаре, Ваксинце и Лојане денес се соочуваат со дефект благодарение на жители од село Слупчане, информираа од ЕВН.

Поврзани новости