Асоцијацијата за цистична фиброза вчера оддржа мирен протест пред министерството за здравство, барајќи воведување на модулаторна терапија за сите пациенти. Тие испратија и отворено писмо до јавноста, кое ви го пренесуваме во целост:
До овој момент, и покрај ветувањата кои што до сега ги добивавме од Министерството за здравство, Фондот за здравство и Одделите каде се лекуваат нашите пациенти, нема поместување во третманот на болеста кон подобро, а здравствената состојба на секој од нас се влошува.
Како што знаете, Асоцијацијата за цистична фиброза водеше активна кампања, за да ги поттикне надлежните институции за воведување на модулаторна терапија за сите пациенти. Терапија која од корен ја видоизменува состојбата на пациентите. Собрани се над 10 000 потписи во знак на поддшка на петицијата и истите беа приложени и до Министерството за здравство. Зошто се уште нема обезбедено терапија и дали ќе се обебеди, немаме добиено одговор.
До сега сите надлежни каде се имаме обратено, се емпатични и со желбата за инклузија само на зборови, но не се тука за решавање на нашите проблеми. Станавме маргинализирана група на млади луѓе кои се втуркаат кон пропаст.
Како што знаете станува збор за непредвидлива и прогресивна состојба, секој момент е драгоцен, а времето кое ни преостанува е се помало. Дојде “5 до 12”, има пациенти во многу тешка состојба баш поради неажурноста на властите, што не смее да се толерира. Ни еден живот не смее да биде загубен!!!
Поради тоа, ГИ ПОВИКУВАМЕ СИТЕ кои сакаат да не поддржат во нашата борба ДА ДОЈДАТ на 26-ти ДЕКЕМВРИ, ПОНЕДЕЛНИК, 11:55 (5 до 12) пред МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО, со една и единствена цел, а тоа е да ги оствариме нашите права!
1. Право на модулаторна терапија за сите пациенти со ЦФ.
Државата ВЕДНАШ да обезбеди средства за воведување на модулаторна терапија по принципот на сите европски и балкански држави, со соодветен план и стратегија за опфаќање на целата популација која е заболена од оваа ретка болест.
2. На Клиниката за пулмологија и Клиниката за детски болести да се создадат услови за лекување на пациентите според протоколите за лекување на оваа состојба со формирање на стручни тимови и соодветни и стандардизирани услови за хоспитализација.
3. Фондот за здравствено осигурување да обезбеди медицински помагала кои се неопходни за секој пациент во секојдневната терапија а тоа се:
- Инхалатори со висок степен на дифузност, по препорака на доктор специјалист
- Пеп/Флатер за физикална терапија
До сега ниедна од институциите не најде за сходно да одговори на нашите барања и се до тогаш ние ќе го изразуваме нашето незадоволство.
Здравјето и животот на група млади луѓе се нешто на кое не смее да се става цена и не смее да се игнорира! Ние имаме право на лек, а тие обврска да ни го обезбедат!
Фото: Вечер