Гледајте утнете и да се убијам, гласи една од пораките што ја испратил поранешниот генерален секретар, Драги Рашковски во вибер група во којашто бил под псевдоним „Перо 078“, пред аукцијата за софтверот за сообраќајни прекршоци.
Обвинителката во случајот, Ивана Трајчева денеска цел ден ги чита пораките што си ги испраќале обвинетите меѓу себе, а оваа карактеристична порака била пратена во група меѓу Рашковски, Даниел Станчев од „Инвока груп“, фирмата преку која е набавен софтверот за сообраќајни прекршоци и обвинетата Ирена Ивановска.
Во разговорот за тоа кога е аукцијата и за тоа дека стигнале три понуди е испратена оваа порака.
Вибер-комуникациите помеѓу обвинетите се наоѓаат на листата на докази на Обвинителството и, според Обвинителката, со нив се докажува дека постапката на набавување на софтверите е незаконита.
Според првообвинетиот Драги Рашковски, ова претставува само „една приказна напишана во ворд”.
– На екранот гледаме ворд-документ со текст и никаде нема Вибер апликација или пак пораки пренесени преку оваа апликација. Начинот на презентација не соодветствува со она што го гледаме, овој документ може многу лесно да се измени, сите можеме што сакаме да дополниме или избришеме од содржината, рече тој.
Обвинителката пак рече дека презентацијата е таква бидејќи во уредот од кој се прибавени доказите има комуникации кои не се однесуваат на овој настан.
– Има приватни комуникации, па со оглед дека откако е и прегледана целата содржина која што е екстрахирана од уредите кои што ги наведов, Обвинителството има направено анализа што цени дека претставува доказ во постапката од кој би се утврдила фактичката состојба, затоа таквите пораки се презентирани во форма на извештај, рече таа.
Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „Перење пари и други приноси од казниво дело”. Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување” од КЗ.
Првообвинетиот, се вели во Обвинителниот акт, не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.