Огромен мол ќе никне во Гевгелија, на четири нивоа, распространет на 10.000 метри квадратни. Во неговиот склоп на околу 1.000 метри квадратни ќе се вклопи и Фришоп, како и најголемата Џамбо продавница во земјава, на површина од 3.500 метри квадратни.
Во Македонија најголемиот број на големи молови се наоѓаат во Скопје, а југот на државата, локација каде минуваат бројни туристи за влез и излез од земјава, најчесто преку граничниот премин Богородица, нуди голем потенцијал за развивање на шопинг искуства.
Според најавата, Гевгелија Мол би требало да ги отвори своите врати за посетителите наредното лето, односно во 2025 година.
Зад овој проект стои Монополист Инвест од Гевгелија, како единствен самостоен инвеститор на проектот.
Сопственикот на компанијата пак, Марјан Николовски, најавува модерна бизнис приказна која за помалку од една година ќе и биде претставена на јавноста.
-Развојот на југот е неизоставен дел од економскиот раст во Македонија и секој модерен претприемач треба да е свесен за истото доколку цели кон успеси кои можат да се носат со модерното темпо на една нова бизнис приказна.
Визијата за креирање нешто уникатно, големо и модерно и вон главниот град беше една од главните причини за создавањето на новата мол приказна во гевгелискиот регион насловена како Гевгелија Мол.
Нестрпливи сме за помалку од една година и на македонската јавност, како и на сите туристи во државата да го претставиме Гевгелија Мол, којшто ќе биде распространет на четири нивоа во склоп на 10.000 м2, во склоп на којшто ќе биде вклопен и фришоп од околу 1.000 м2. Оваа нова мол приказна само што започнува, а ветува многу и за посетителите како и за сите идни закупци во склоп на Гевгелија Мол, изјави Марјан Николовски.
Гевгелија Мол ќе биде лоциран во близина на Скај Хотел во Гевгелија во непосредна близина на граничниот премин Богородица на самиот автопат.
Вики Клинчарова