Обвинителката Гордана Ѓешковска си заминува од функцијата прв човек на скопското Обвинителство, а како вршител на должност ќе ја наследи нејзиниот прв заменик Јован Цветановски. Ова денеска го најави претседателот на Советот на обвинители Петар Аневски, објави Алсат М. Аневски тврди дека со истекот на мандатот на Ѓешковска, кој завршува за четири дена, нема да се создаде вакум до избор на нов претседател.
„Има годишен распоред за работа. Првиот заменик си ја продолжува работата. Истото го имаме и во Обвинителството за организиран криминал. Замина јавниот обвинител, неговата функција му мирува во Републичко јавно обвинителство и го заменува јавниот обвинител, првиот заменик по годишниот распоред за работа, а тоа е Златко Биковски. И овде ќе биде сличен случај“, изјави Аневски.
Новинарите го затекнаа Аневски на излез од Јавното обвинителство на Марко Зврлевски. Тој тврди дека дошол во вообичаена посета на колегите и дека тоа не е поврзано со распишувањето оглас за шеф на скопското Обвинителство. Седицата на Советот на јавни обвинители на која треба да се распише овој оглас е презакажана за 16 мај, а мандатот на Ѓешковски истекува ден порано. Аневски тврди дека нема никаква пречка скопското обвинителство да добие претседател и по шест месеци.