По јавната седница за случајот „Монструм“ на која обвинителката Лилјана Спасовска, побара од Врховниот суд да ги уважи жалбите на обвинетите, односно да ги укине првостепената и второстепената пресуда, и случајот да го врати од почеток, не запираат реакциите во јавноста, бидејќи се случи неочекуван пресврт.
Обвинителката Гордана Гешкоска, која го застапуваше обвинението за случајот „Монструм“, за „Фокус“ вели дека треба да се почека одлуката на Врховниот суд.
-Неблагодарно е сега да се зборува било што за случајот, односно треба да се почека Врховниот суд да донесе одлука. Не го спорам правото на одбраната да бара укинување на пресудата, бидејќи конечната одлука ја носи судот, истакна за „Фокус“, обвинителката Гешкоска.
Судијата Владимир Туфегџиќ, кој во овој случај беше истражен судија, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека тој не излегол на лице место кога се случило убиството, туку случајот го добил во работа по 20 дена.
„Јас не сум бил дел од увидот на лице место. Овој предмет во Одделот за организиран криминал е оформен после 20 дена“, вели Туфегџиќ.
Обвинителката Гордана Гешкоска, која го застапуваше обвинението за случајот „Монструм“, вели дека тука нема ништо спорно бидејќи, таква е процедурата. По стариот ЗКП, на лице место на настанот тогаш од МВР го викнале дежурниот истражен судија и дежурниот јавен обвинител.
На прашањето да ја искоментира изјавата на судијата Туфегџиќ, таа вели дека не ја разбира неговата реакција, пет години подоцна, бидејќи судијата дотогаш не реагирал, односно не посочил дека нешто не е во ред. За неговиот мотиви, пак, вели дека треба лично да го прашаме судијата.
Гешкоска потсетува дека во овој случај како докази беа користени и докази обезбедени со посебни истражни мерки и загрозен сведок, кои се тајни за јавноста.
В.В.