Пратеникот во германскиот парламент Питер Бајер, кој е од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) вели дека во вчерашното интервју за ТВ Сител рекол дека е подобро уставните измени да се случат што поскоро и дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема е добро познат.
-За време на мојата посета на Скопје дадов интервју за ТВ Сител во кое истакнав дека уставните измени е подобро да се направат порано отколку подоцна. Но, го посочив и моето целосно разбирање за загриженоста што ВМРО-ДПМНЕ и македонските граѓани ја имаат за ова прашање. Ставот на сестринската партија на ЕПП, ВМРО-ДПМНЕ, е веќе јавно добро познат и препознаен. Фокусот на земјата на нејзиниот европски пат треба да биде насочен кон предизвиците и загриженоста што оваа година ги истакна Извештајот на ЕУ за напредокот на државата, напиша Бајер на Фејсбук.
Во вчерашното интервју на Сител, Бајер рече дека со сигурност знае дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени Уставот, но и дека имаат аргументи и причини зошто велат не сега, а тоа, како што посочи, е поради процедурите за негова промена, но, исто така, и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници. Според она што го кажа во вчерашното интервју, дека очекува идната влада да ги спроведе уставните измени пред крајот на годинава.