Германскиот министер Борис Писториус, како што потврдија од Министерството за одбрана во Берлин, овој понеделник отпатува во посета на Белград, Сараево и Приштина со цел да му стави до знаење на Западен Балкан дека Германија и покрај другите надворешнополитички проблеми не го запоставила регионот.
Иако официјалниот план за патување сè уште не е објавен, а патувањето на Западен Балкан се чуваше во тајност до последен момент, веќе е јасно дека Писториус, социјалдемократски сопартиец на канцеларот Олаф Шолц, ја носи пораката на германската влада за потребата од изнаоѓање решенија за два итни проблеми во регионот: односите меѓу Србија и Косово и воспоставување стабилност во Босна и Херцеговина.
Според Стефан Сурлиќ, политиколог од белградскиот Факултет за политички науки, главниот дел од работата го чека Писториус во Белград.
„Можеме да очекуваме притисок врз Вучиќ да го прифати германско-францускиот план кој вклучува деблокирање на Косово на меѓународно ниво и членство во меѓународни организации. Се очекува некаква нова нормалност, што би значело дека српската заедница е целосно интегрирана во косовските институции со истовремено формирање на Заедницата на српските општини“, вели за ДВ Сурлиќ, кој моментално престојува во Берлин.