„Нов удар на македонската влада против нејзините противници“. Под овој наслов весникот „Ноје цирхер цајтунг“ пишува за актуелните случувања во Македонија и случајот „Пуч“.
Набројувајќи ги настаните од викендот во Македонија и отворањето на случајот „Пуч“, новинарот Андреас Ернст во текстот објавен денеска наведува и дека веднаш имало реакција од канцеларијата на Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини. Во реакцијата е оценето дека обвинувањата се тешки и дека е неопходна независна и транспарентна истрага.
„Високата претставничка за надворешна политика e загрижена поради влошувањето на политичкиот дијалог во земјата. Тој навистина веќе подолго време е на нула. Речиси една година опозицијата го бојкотира парламентот. Таа ја обвинува власта за изборна измама. Тоа е кусовид поглед на нештата. Не е спорно дека национално-конзервативната влада постојано добива мнозинство гласови. Таа е победник на изборите од 2006 година наваму. Тие избори се слободни, но не се фер. Со строга контрола на медиумите, благодарение на добро подмачкан систем на државен непотизам и по потреба преку влијание врз правосудството, премиерот Груевски создаде систем кој жилаво се држи на власт и покрај катастрофалната економска состојба. Сепак, вина за тоа има и опозицијата. Таа страда од хронична лидерска слабост. Наместо со напорна работа во базата да се погрижи за мобилизација на незадоволните и оние кои страдаат во земјата, таа го бојкотира парламентот и се самосожалува“, се вели во текстот на НЦЦ.