Викендов во Скопје, во хотелот Континентал, Слободанка и Драгутин Јовановски, по потекло од село Кучково, кои што веќе триесет и пет години живееле во Германија, ја прославиле својата педесет годишнина од бракот со спектакуларна златна свадба.
Гостите, кои што биле дел од големата забава, велат дека настанот прилегал на сценарио од Холивудски филм, а сите детали биле внимателно испланирани до совршенство.
Јасмина, најмалата ќерка на Јовановски била задолжена за организацијата на настанот, и вели дека големата љубов и сите добри и лоши нешта низ кои што минале нејзините родители во животот, заслужувале една ваква, голема прослава.
,,Татко ми, по потекло од Кучково, цели тресет и пет години работеше во Германија. Мајка ми, за сето тоа време постојано беше на релација Македонија – Германија, бидејќи јас, и сестрите Ленче и Светлана учевме во Македонија. Да се живее со постојани разделби, да се одгледаат три деца, да се одржува љубов и семејство на далечина, воопшто не е лесно. Но моите родители имаат толку силна љубов, и без збор се разбираат, па ги надминаа сите предизвици и препреки во животот. Цели педесет години поминаа во хармонија, и денес, ние нивните ќерки сеуште ја чувствуваме нивната љубов и меѓусебна почит.
Тие ни се пример дека постојат сродни души, дека сепак може да се поминат пет децении со иста личност, и постојано да се биде заљубен. Токму затоа, кога изразија желба да слават златна свадба, јас веднаш им реков дека со задоволство ќе организирам се, до најситниот детал’’ – раскажува Јасмина, која што со сопругот живее во Германија.
Нејзините родители, сега, откако станале пензионери, во зима живееле со неа, во Германија, додека пак во лето престојувале во Скопје.
,,Првичниот план ни беше дента на прославата со тапани и во народни носии да одиме во селото Кучково, како што се случувало пред педесет години, да се игра оро на сред село, исто како што моите родители ја правеле својата свадба. Но ладното време не ни дозволи да правиме златна свадба на отворено, па затоа славевме во хотел. Како дојдоа мајка ми и татко ми во хотелот, јас заедно со сестрите, зетовците и внуците ги пречекавме со пет златни ленти, на секоја од нив имаше броеви од еден до десет, а тие ги сечеа една по една.
Имавме организирано танчерски точки, започнавме со песни од седумдесетите години, па се до денешните хитови. Значи се слушаше музика од Елвис Присли, па се до Сиа и Бруно Марс. Заедно со танчерска група, ние најблиските роднини изведовме заеднички точки, а за музиката беше задолжена групата Дрим Тим и фолк пејачот Марјан Коцев. Неговиот колега Благоја Грујовски беше најавен како специјален гостин – изненадување’’ – вели Јасмина.
Таа додава дека целата сала била декорирана во златна боја, имале убава славеничка торта исто со златни детали, биле изложени фотографии од заедничкиот живот на нејзините родители, а помеѓу интересните подароци, ги изненадил и насликаниот семеен портрет.
,,Јас веќе се вратив во Германија, преполна со убави спомени. Знам дека во Македонија во последниве години луѓето започнаа да слават златни, па и сребрени свадби, и мислам дека тоа е навистина убаво. Треба да се оддаде почит и признание за оние кои што успеале да си ја сочуваат љубовта, бракот, да створат семејство со кое што можатда се гордеат.
Обично, се практикува родителите да им организираат свадби на децата, но голема чест и радост е кога децата ќе им организираат свадба на родителите. Кога некој го минал животот во тешки услови, и секогаш на прво место му било семејството, заслужува на ваков начин да му се одбележи постигнатото во животот’’ – раскажа Јасмина.
Вики Клинчарова