Германската компанија „Герешајмер“ денеска во Технолошко индустриската развојна зона Бунарџик ќе ги постави темелите на новата фабрика за медицинска пластика.
Ова е прва фабрика на германската компанија во Југоисточна Европа, а земјава беше избрана како поволна бизнис дестинација во конкуренција со Србија и Романија.
На свеченоста ќе се обрати премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот на економија Крешник Бектеши и директорот на ТИРЗ, Александар Младеновски.
Инвестицијата ќе се реализира во повеќе фази, а во план е да бидат отворени 400 нови работни места. Ова е втора инвестиција по потпишувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО.
Договорот беше потпишан во март годинава, а новата инвестиција тогаш ја најавија премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Договорена е огромна инвестиција, втора по потпишување на протоколот за членство во НАТО, што значи дека инвеститорите ја препознаваат земјата како стабилна и сигурна дестинација, изјави тогаш премиерот Заев.
Со производството, според првичните најави, фабриката ќе почне кон средината на следната година.
– Ќе градиме нова фабрика во Скопје како дел од нашата стратегија за проширување во Европа. Планираме значителни инвестиции во технологија и во машините. Во план е да имаме 400 вработени. А ја цениме и можноста за натамошен развој во иднина. Планираме изработка на производи во фармацевстката и медицинската индустрија. Ја избравме Северна Македонија како идеална локација за проширување на нашето производство. Земјата нуди добра инфраструктура, ниски трошоци и обучен персонал, како и одлична поддршка од властите, порача Дитмар Сиемсен, извршен директор на „Герешајмер“ во видео пораката објавена кога беше потпишан договорот.
„Герешајмер“ има 50 фабрики во 13 држави, а вкупниот промет на компанијата е 1,3 милијарди евра.