НАТО планира да го координира транспортот на повеќе ранети војници од линијата на фронтот во случај на војна со Русија, потенцијално преку болнички возови бидејќи можеби нема да биде возможна воздушна евакуација, изјави шефот на логистичката команда на Алијансата, генерал-полковник Александар Золфранк.
Toj во интервју за Ројтерс рече дека планираната евакуација ќе се разликува од искуството на сојузничките сили во Авганистан и Ирак.
Германскиот генерал истакна дека во евентуален конфликт на НАТО со Русија, западните војски веројатно ќе се соочат со многу поголема воена зона, поголем број ранети војници и можен привремен недостаток на воздушна супериорност во близина на линијата на фронтот.
– Предизвикот ќе биде брзо да се обезбеди висококвалитетна нега, во најлош случај, голем број ранети – рече Золфранк, без да прецизира колку ранети војници НАТО очекува да биде во евентуален конфликт со Русија.
Планирањето за медицинска евакуација е дел од пошироките, големи напори на НАТО поттикнати од рускиот напад врз Украина, кој започна во февруари 2022 година, за да ја зголеми нејзината способност да се одврати и да се брани од можен руски напад.
Золфранк ја предводи командата за заедничко овозможување поддршка на НАТО (JSEC), која е одговорна за координирање на брзото движење на војниците и тенковите низ Европа, како и за логистичките подготовки, како што е складирање муниција на источното крило на Алијансата.
Золфранк рече дека JSEC неодамна организирал вежба за координирање на транспортот на повредените.
Седиштето на JSEC е во јужниот германски град Улм.