Германската понуда за испраќање на одбранбениот систем „Патриот” во Полска сè уште стои, изјави денеска во Берлин германскиот канцелар Олаф Шолц.
– Нашата понуда до Полска останува непроменета. Подготвени сме да ја зајакнеме полската безбедност со стационирање на нашите Патриоти таму”, рече Шолц, говорејќи заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Германија тоа првпат го понуди минатата недела, по инцидентот во кој проектил од војната во Украина погоди полска територија, при што загинаа две лица.
Од друга страна, Варшава предлага одбранбениот систем да се испрати директно во Украина. Другите сојузници на НАТО не се склони кон таков потег бидејќи Русија може да го протолкува како ескалација.
Системите Патриот се дел од интегрираниот систем за воздушна одбрана на НАТО и се наменети за одбрана на сојузничките територии. За испраќање на Патриот во земја која не е членка ќе биде потребен договор меѓу сите членки на блокот.
Столтенберг рече дека НАТО се уште разговара за распоредување на овој систем во Украина, но нагласи дека ова прашање не треба да ја засени севкупната потреба за обезбедување воздушна одбрана на нападнатата земја.
– Има потреба од муниција за постоечки системи, за резервни делови и одржување, истакна Столтенберг..
Претходно, на безбедносната конференција во Берлин, Столтенберг ја повика Германија да продолжи да ги зајакнува своите вооружени сили. – Одлуката на Германија за значително зголемување на трошоците за одбрана е историска одлука, со инвестиции во нови борбени авиони, хеликоптери, бродови и подморници, рече Столтенберг.
Потребен ни е силен и подготвен Бундесвер, нагласи шефот на НАТО. – Тоа е важно за германската безбедност, за безбедноста на Европа и за безбедноста на целиот свет, заклучи Столтенберг.