Заедничко справување со Ковид-19 и проширувањето со подготовката на рамката за пристапни преговори со Северна Македонија се врвните приоритетите на германското претседателство со Советот на Европската Унија до крајот на 2020 година, кои денеска на 79. седница на Владата ги изнесе амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн.
„Особено значајно за Северна Македонија е што посебен дел од програмата е посветен и на политиката за проширување на ЕУ со кредибилна перспектива за пристапување во ЕУ за земјите од Западен Балкан како заеднички интерес и за регионот и од интерес на ЕУ. Во таа насока активно се подготвува рамката за преговори за Северна Македонија и Албанија, земајќи ја предвид новата методологија за проширување, а според Германија, рамката за преговори не треба да се усложнува со билатерални прашања кои останува да се решаваат меѓу засегнатите земји одделно“, истакна германската амбасадорка.
Премиерот Оливер Спасовски го истакна фактот дека еден ден по преземањето на претседателството со Советот на Европската Унија од страна на Германија беше објавена преговарачката рамка на ЕУ со нашата земја, и со тоа оваа земја покажа дека континуирано прави големи чекори и клучни одлуки.
„Ние очекуваме и веруваме дека до завршувањето на вашето претседателство со Советот на Европската Унија ќе се одржи Првата меѓувладина конференција, на кој начин ќе се означи и официјалниот старт за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија, а во таа насока, охрабрува и изјавата на Канцеларката Меркел дека тоа е и целта на Германија“, рече Спасовски.