Германија со Катар договори долгогодишно партнерсво во областа на енергетиката, посебно за течниот гас, објави германскиот министер за економија Роберт Хабек денеска во Катар.
-Прекрасна вест е дека цврсто ја договоривме намерата за долгогодишно партнерство во полето на енергетиката, изјави Хабек по средбата со катарскиот емир Хамад ал Тани во Доха.
Тој додаде дека претставниците на германскиот енергетски сектор, кои го придружуваат на неговото патување во Катар и Обединетите Арапски Емирати, ќе започнат конкретни преговори за склучување долгорочни договори за набавка на течен гас и водород.
Хабек отпатува во Катар за да организира испорака на течен гас, што заедно со најавената изградба на два терминали за ЛНГ е дел од стратегијата на Германија да ја намали зависноста од гас од Русија.
-Иако сè уште не можеме да ја постигнеме целта за независност од рускиот гас оваа година, велиме дека тоа ќе се постигне во иднина, рече Хабек.
Тој рече дека, освен со Катар, за зголемени испораки на течен гас се разговара и со Норвешка и Канада.
Катар е најголемиот светски производител на течен природен гас, а претежно извезува во Азија. По нападот на Русија врз Украина, Германија најави дека сака да постигне независност од руските енергетски извори. Земјата во моментов покрива повеќе од 50 отсто од потребите за природен гас со увоз од Русија.