Германија се соочува со огромен петти бран на пандемијата на коронавирусот предизвикана од варијантата омикрон, што ќе го стави здравствениот систем под сериозен притисок, изјави министерот за здравство Карл Лаутербах, јави ДПА.
– Претпоставувам масивен петти бран, рече Лаутербах во Хановер. – Мораме да претпоставиме дека бранот со омикрон варијантата, со кој сега се соочуваме, а кој според мене не можеме да го спречиме, ќе претставува огромен предизвик за нашите болници, нашите единици за интензивна нега и за општеството како целина.
– Тој предизвик може да биде поголем од кој било досега, рече министерот, посочувајќи на британското искуство со бранот со омикрон.
Според него дури и ако симптомите на болеста се покажаа поблаги, тоа нема да направи разлика. Веројатно бројот на смртни случаи би можел да се движи во надолна линија две до три недели, но со порастот на инфекции тоа ќе запре.
Поради божиќниот период, кога традиционално се собираат германските семејства, Лаутербах апелираше до патниците да се тестираат, по можност повеќе од еднаш.