Германија протерува двајца руски дипломати

by Fokus

Германската Влада денеска за персона нон грата прогласи двајца руски дипломати, откако судот во Берлин утврди дека Русија нарачала убиство на грузиски државјанин во Берлин во 2019 година, изјави министерката за надворешни работи Аналена Баербок, пренесе ДПА.

-Потегот денеска му беше соопштен на рускиот амбасадор Сергеј Нечаев за време на состанокот во Министерството за надворешни работи во средата, рече Баербок.

Убиството се случи на 23 август 2019 година во паркот Клајнер Тиергартен.

Судот во Берлин денеска го осуди рускиот државјанин Вадим Красиков на доживотен затвор за убиството на Чеченецот, Зелимкан Кангошвили, на 23 август 2019 година во парк во германската престолнина.

Обвинителите сметаа дека убиството било чин на одмазда за учеството на Грузиецот во втората чеченска војна и неговото „непријателство кон руската држава”. Тие веруваат дека Красиков дејствувал по наредба на руската државна безбедносна агенција ФСБ. За време на судењето, тие опширно покажаа како руските власти се договориле за псевдонимот Вадим Солоков за Красиков, како и дека тој патувал низ неколку европски граници под тој идентитет во деновите пред убиството.

Коментирајќи ја пресудата Москва денеска соопшти дека станува збор за „политичка” одлука зад „општото антируско расположение”.

-Оваа пресуда ја сметаме за пристрасна, политички мотивирана одлука која сериозно ги влошува и онака тешките руско-германски односи, рече амбасадорот Нечаев.

Поврзани новости