Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска предупреди да не се избрзува со обвинувања во врска со медиумскиот извештај кој вели дека новите разузнавачки информации кои ги разгледувале американски претставници укажуваат дека про-украинска група ги извела минатогодишните напади на гасоводот Северен тек.
„Може да се работи и за добро инсценирана операција под лажно знаме за да се обвини Украина“, оценува Писториус во интервју за Дојчландфунк и додава: „Веројатноста за едното или за другото е еднакво голема.“
Според Писториус, „не е од помош ако врз основа на вакви истражувања, кои сигурно се направени макотрпно и педантно, да се размислува за тоа какви последици тоа би имало врз нашата поддршка за Украина“.
„Њујорк Тајмс“ објави дека новите разузнавачки информации кои ги разгледувале американски претставници укажуваат дека проукраинска група ги извела нападите врз Северен тек во 2022 година. Весникот, повикувајќи се на американски претставници, објави и дека нема докази оти украинскиот претседател Володимир Зеленски или неговите најблиски соработници биле вмешани во операцијата, или дека напаѓачите дејствувале под команда на кој било украински претставник.