Германија предлага голема реформа на ЕУ

by Fokus

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок на конференцијата за проширување на ЕУ во Берлин најави почеток на процесот на зајакнување на внатрешните структури на Европската унија како подготовка за процесот на проширување и истовремено предложи постепена интеграција на земјите кандидати.

„Мислам дека би можеле да размислуваме за постепена интеграција на земјите-кандидатки на кои со затворање на нови поглавја би им се овозможил пристап до работата на Европската унија, меѓу другото, и со учество на состаноците на Советот на ЕУ“, рече германската министерка за надворешни работи на отворањето на министерската конференција насловена „Поголема, посилна унија“.

Баербок рече дека нејзината влада разгледува низа мерки кои би ја направиле ЕУ поефикасна во времето на проширувањето.

Меѓу овие мерки е и ограничувањето на областите за одлучување каде што би било можно вето. Баербок ја спомена можноста за воведување некакво гласање во Советот на ЕУ преку жолти и црвени картони: жолт во случај на незадоволство од некои делови од одлуката, црвено во случај на целосно несогласување. Баербок, исто така, ја изнесе идејата за намалување на Европскиот парламент и Европската комисија, при што одредени сектори во рамките на комисијата ќе бидат поделени меѓу неколку земји-членки.

„Европската унија може да биде посилен актер само ако го прифатиме она што го одложуваме долго време, а тоа е реформирање на начинот на кој функционира ЕУ“, рече Баербок.

Таа рече дека процесот на проширување е неопходен за да се направи ЕУ уште посилен актер и да се зголеми безбедноста.

Баербок рече дека проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, како и Украина и Молдавија, е неопходно поради геостратешката ситуација и политиката на рускиот претседател Владимир Путин.

Министерската конференција на која се разговара за зајакнување на структурите на Европската унија со цел да се подготви за продолжување на процесот на проширување беше организирана од Германија во соработка со Шпанија, која во моментов претседава со ЕУ. Во работата на конференцијата учествува и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Поврзани новости