Германија побара замрзнување на преговорите на ЕУ со Србија

by Фокус

Во Германија растат критиките за визната политика на Србија, која предизвикува зголемен прилив на илегални мигранти во Германија, а владејачката Либерално-демократска партија денеска побара замрзнување на преговорите за членство меѓу Србија и Европската Унија.

„Србија испраќа многубројни луѓе од земји како Индија, Бурунди и Тунис во Европската Унија. Имајќи го предвид ова, сметаме дека преговорите за членството на Србија во ЕУ треба да се замрзнат. Една од причините зошто сè повеќе луѓе бараат заштита во Европската Унија е политиката на Србија, која им овозможува на луѓе надвор од ЕУ да влезат во земјата и потоа ги испраќа во ЕУ. Српската влада создава човечко страдање и има за цел да ја дестабилизира Европа – рече Константин Куле од ФДП.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер од СПД, пак, денеска ги повтори критиките за српската визна политика.

-Србија мора да ја приспособи својата визна политика на онаа на Европската Унија – рече таа.

Министрите за внатрешни работи на германските сојузни покраини побараа оваа недела, на кризен состанок поради драстичниот прилив на бегалци, да се изврши притисок врз Србија да ја промени визната политика, која е една од причините за зголеменото доаѓање на бегалците преку т.н. балканска рута.

Поврзани новости