Сузана Шуц, директорка за Југоисточна Европа, Турција и земјите од ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи, изјави дека решавањето на проблемите на Западен Балкан повеќе не може да се одложува, дека времето е многу важен фактор и дека е важно да се работи на воспоставување на владеење на правото и на примена на законите.
Шуц од Берлин, вклучувајќи се на онлајн конференцијата „Две децении од почетокот на нормализација на односите меѓу дејтонската четворка“, порача дека регионот е приоритет за Германија, како и членството на земјите од регионот во ЕУ и економскиот инвестициски план кој ќе биде приоритет во наредниот период.
-Постигнавме многу во изминатите 20 години, Словенија и Хрватска се членки на Унијата, Црна Гора и Србија преговараат за пристап, а Северна Македонија и Албанија во март добија зелено светло да започнат преговори. Се надеваме дека до крајот на годината и германското претседателство со Унијата ќе ги имаме првите меѓувладини конференции – изјави Шуц.