Германскиот суд одби да испорача Албанец обвинет за трговија со дрога во Обединетото Кралство, откако неговиот адвокат успешно тврдеше дека условите во британските затвори се толку лоши што би ги прекршиле неговите човекови права.
Албанецот, чиј идентитет не се соопштува, додека живеел во Велика Британија бил обвинет за шверц на кокаин и перење пари во износ од 330.000 фунти, по што заминал во Германија. Поради тоа, Судот на Вестминстер издаде црвена меѓународна потерница по Интерпол и побара негова екстрадиција.
Албанецот е уапсен од германските власти по распишана потерница и сега е во притвор. Но, повисокиот регионален суд во Карлсруе, југозападна Германија, го одби барањето за екстрадиција бидејќи не доби гаранции дека обвинетиот ќе биде задржан во соодветни услови по неговото враќање во Обединетото Кралство.
Неговиот адвокат Јан-Карл Јансен, кој студирал во Глазгов и вршел истражување за условите во британските затвори, презентирал докази за хронична пренатрупаност, недоволно персонал и насилство меѓу затворениците во британските затвори, пишува Дејли мејл.