Награда од 37.500 евра е понудена за информација која ќе доведе до пронаоѓање на жена од Бусовача, Босна и Херцеговина, која во Штутгарт, Германија, извршила тежок грабеж.
Како што објавија тамошните медиуми, Мирнеса, позната како Мики (42), со моминско презиме Бешлиќ, била вработена како келнерка во Германија, а потоа и како телефонски оператор во компанија за транспорт на пари.
На 14-ти октомври, околу 15 часот, таа украла повеќе од милион евра од фирмата во која била вработена и каде имала пристап до парите.
Кражбата била забележана истиот ден, и полицијата започнала истрага.
Мики е опишана како жена со плаво-зелени очи, со плава коса, висока 174 сантиметри, со повеќе тетоважи на телото.
Новинари од германскиот Билд веќе го посетиле нејзиното родно место, кое се наоѓа на околу 20 километри од Зеница. Претпоставка е дека таа можеби се крие во регионот.
Како што објави Билд, таа живеела раскошен живот, несвојствен за жена која работи како телефонски оператор, а на социјалните мрежи често објавувала фотографии со брендирана облека и луксуз.
Скапоцен накит, Ролекс часовници, брендирани ташни и големи забави, биле секојдневие за Бешлиќ.
-Осомничената може да е било каде во светот, сите кои знаат нешто за неа да се јават во криминалистичката полиција на телефонскиот број +4971189905778, апелира полицијата од Штутгарт.
Вики Клинчарова