Германските власти предложија мерка со која вакцинирањето на децата против мали сипаници ќе биде задолжително, а за непочитување на законот се предвидени парични казни до 2,500 евра, одлучи Бундестагот.
„Заштитата од мали сипаници е заштита на децата. Овој закон ги штити најслабите од зарази“, изјави германскиот министер за здравство Јенс Спан за време на дебатата која му претходеше на изгласувањето на законот во германскиот Бундестаг.
Тој порача дека малите сипаници не се „мала болест“ затоа што против ова не постои терапија.
Од март идната година родителите при запишувањето на нивните деца во училиштата и градинките ќе мора да достават и потврда дека нивното дете е вакцинирано против мали сипаници. Родителите на децата кои што се веќе запишани на училиште или градинка ќе можат дополнително да однесат потврда во 2021-ва година.
Децата кои не се вакцинирани нема да можат да бидат запишани на училиште или во градинка, а предвидени се и парични казни до 2,500 евра.
Исто така, обврзани од вакцинација се и вработените во училиштата и градинките, но и вработените во медицинските установи, како и „жителите“ на центрите за бегалци и подносителите на барање за азил.
Во позадината на носењето на овој закон е нагло зголемениот број на заболени деца од мали сипаници. Само оваа година, како што соопштија од Институтот за заразни заболувања Роберт Кох, пријавени се нови 501 случаи.
За успешно сузбивање со ширењето на заразата и создавање на посилен имунитет потребна е квота на вакцинираност на 95% од населението, а тоа Германија досега го нема постигнато. Моментално процентот на вакцинираност во најразвиената европска држава се движи околу 93%.
Инаку, досега вакцинирањето во Германија против мали сипаници беше доброволно.