Војниците на Бундесверот го напуштија воениот брод „Хесен“ од воената база Вилхелмсхавен како дел од операцијата против Хутите. Плановите за воената мисија на ЕУ „Eunavfor Aspides“ предвидуваат испраќање на неколку европски воени бродови и воздушни системи за рано предупредување во регионот за заштита на товарните бродови.
Акцијата, во која моментално учествуваат 240 германски војници, има за цел да ги заштити тамошните трговски бродови од напади на исламистичките терористи Хути од Јемен.
– Заканата во Црвеното Море веќе не е апстрактна, таа е многу конкретна и се состои од голем број оружја што се користат таму – изјави капетанот на бродот, Волкер Кубш, пренесува Билд.
Безбедносниот експерт Маркус Каим предупреди на опасностите од извршувањето на оваа операција, вклучително и на бродот „Хесен“.
– Ризикот од ескалација е можен, илузијата е дека војниците на Бундесверот нема да бидат на удар и нема да мора да се бранат. Ова е исклучително опасно за нашите војници – изјави Каим од Фондацијата за наука и политика.
Бродот „Хесен“ е долг 143 метри и е вооружен со противвоздушни ракети, дизајнирани специјално за придружба и поморска контрола. Според Бундесверот, неговиот специјален радар може да ја следи активноста со големина на целото Северно Море. Според тоа, дострелот на противвоздушна ракета може да биде поголем од 160 километри.
Со оглед на опасноста, големите бродски компании го избегнуваат најкраткиот поморски пат меѓу Азија и Европа преку Црвеното Море и Суецкиот канал. Ова засега има големо влијание врз глобалната економија.