Германија ќе обезбеди финансиска помош за новинарите кои работат во кризните подрачја во светот. Министерството за надворешни работи годинава ќе одвои 3,5 милиони евра за програмата за заштита на новинарите, Иницијативата „Хана Арент“, соопшти Владата.
Како што пренесува ДПА, од овие средства ќе можат да имаат бенефит и претставниците на медиумите кои со својата работа продолжуваат да придонесуваат за независно известување за настаните во матичните земји – првично 360 лица во странство, прецизираат од Владата.
Програмата, која ја водат Министерството за надворешни работи и Комесарот за култура и медиуми, е наменета и за новинарите бегалци кои работат во егзил. Пилот фазата од неа веќе се спроведува во Германија и во странство, поддржувајќи ги новинарите во ризик во Авганистан, Украина, Русија и Белорусија.
Според организаторите, програмата финансира итни стипендии, обуки, регионални програми за стипендирање и центри за новинарство во егзил во трети земји, како и слични можности во Германија.
Германскиот комесар за култура и медиуми веќе го финансираше Европскиот фонд за новинарство во егзил (JX Fund) со околу 4,2 милиони евра оваа година и им помогна на повеќе од 500 претставници на медиумите од април.