Германија: ЕК да ја набави руската вакцина Спутник за земјите од ЕУ

by fokus

Германија ја повика Европската комисија да ја набави руската вакцина Спутник В за земјите од Европската унија, изјави германски официјален претставник, цитиран од „Политико“.

– Побаравме од Комисијата да започне постапка за набавување на Спутник, истакна претставникот пред новинарите на брифинг во Берлин, додавајќи дека „сега гледаме дека Комисијата е во процес на започнување на таа постапка“.

Претставникот, исто така, нагласи дека ЕК прво треба да ги испита ставовите во европските главни градови за да утврди кои земји се заинтересирани за купување на руската вакцина пред да започнат преговори за набавка на дози.

Откако спогодбата ќе биде постигната, земјите-членки можат потенцијално да купат дози на руска вакцина преку договорот на ЕУ, рече германскиот претставник. Европската агенција за лекови (ЕМА) ги доби првите податоци за ефикасноста и безбедноста на руската вакцина на почетокот на овој месец откако Русија побара одобрување.

Засега не е познато кога ќе се донесе одлука за одобрување на вакцината Спутник В. Шефот на ЕМА, Емер Кук изјави дека регулаторот се подготвува да испрати инсепкција на местата во Русија каде се произведува вакцината.

Поврзани новости