Германија е во огромна станбена криза, а владините станови стојат празни

by Fokus

Повеќе од 360.000 квадратни метри станбен простор во сопственост на германската држава се празни, покажуваат податоците до кои дојде агенцијата ДПА, а според проценките на експертите, на Германија и недостасуваат околу 600.000 станови.

Станува збор за неколку илјади станови во кои според информациите треба да бидат сместени државни службеници.

Само во Берлин, Државната агенција за недвижности поседува 18.000 квадратни метри празни станови. БИМА е еден од најголемите сопственици на недвижности во Германија, потсетува ДПА.

Бројките се откриени во одговорот на Министерството за финансии на прашањето на претставничката на партијата Левица во долниот дом на германскиот парламент, Бундестагот, Карен Леј, во кое ДПА доби увид.

Од Министерството за финансии велат дека меѓу слободните имоти има и станови кои по иселувањето се уште не се изнајмени, но во блиска иднина би можеле да добијат станари. Празни се и становите на кои им треба реновирање, додаваат оттаму.

Во неколку случаи становите не можат да се користат долгорочно бидејќи ги немаат потребните дозволи, велат од министерството.

Претставникот на Левица смета дека дел од одговорноста за недостигот на станови е на Владата, со оглед на многубројните слободни имоти во државна сопственост. „Државните службеници се натпреваруваат на прегреан пазар на недвижности, особено во Берлин“, рече Леј.

Германскиот совет на експерти за недвижнини проценува дека на Германија во моментов и недостигаат 600.000 станови.

Од вкупно речиси шест милиони квадратни метри државна „комерцијална и друга недвижност“, која опфаќа канцелариски, магацински и производствен простор, во моментов се празни околу 2,8 милиони квадратни метри, се вели во одговорот на Министерството.

Околу 638.000 метри квадратни од овие имоти не се употребливи, а државата планира да продаде околу 453.000 метри квадратни, велат од министерството.

Поврзани новости