Германија доби нов канцелар по 16 години, Шолц е наследникот на Меркел

by Fokus

Олаф Шолц од Социјалдемократите е именуван за деветти канцелар на Германија на кратка церемонија во претседателската палата во Берлин, јави ДПА.

Тој денеска ја доби поддршката од германскиот парламент за да ја наследи Ангела Меркел на функцијата канцелар, при што членовите на Бундестагот гласаа со големо мнозинство по партиска линија на тајното гласање.

Шолц доби 395 од 707 дадени гласови, што е многу над потребното мнозинство од 369 гласа во Бундестагот со 736 места.

Неговите социјалдемократи (СПД), заедно со Зелените и про-бизнис Слободните демократи (ФДП), имаат 416 места во новиот парламент, избран во септември. Неколку пратеници отсуствуваа поради болест.

Шолц, кој беше заменик на Меркел и министер за финансии во големата коалиција во заминување, отиде во палатата Белви во Берлин, каде германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер официјално го назначи.

epa09629018 Newly appointed German Chancellor Olaf Scholz (L) receives his certificate of German President Frank-Walter Steinmeier (R) during the appointment of the Federal Chancellor at the Bellevue Palace in Berlin, Germany, 08 December 2021. A coalition of Social Democratic Party (SPD), Green party (Die Gruenen) and Free Democratic Party (FDP) forms the new German government. EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Неговиот кабинет од левиот центар, составен од осум мажи и осум жени министри, ќе биде првата коалиција од ваков вид на федерално ниво во Германија. СПД има седум членови, Зелените пет и ФДП четири.

Изборите ги доведоа социјалдемократите на чело на германската влада првпат по 16 години, откако Меркел го наследи Герхард Шредер како канцелар во 2005 година. Шредер беше во Бундестагот за да го следи гласањето за Шолц.

epa09628959 Designated German Chancellor Olaf Scholz (C) reacts after his election at the Bundestag in Berlin, Germany, 08 December 2021. A coalition of Social Democratic Party (SPD), Green party (Die Gruenen) and Free Democratic Party (FDP) forms the new German government. EPA-EFE/FILIP SINGER

Новата коалиција си постави цели за борба против пандемијата на коронавирус и намалување на емисиите на стакленички гасови. Се планира и големо зголемување на законската минимална плата.

Шолц (63) има долга политичка кариера зад себе, како градоначалник на градот-држава Хамбург и министер за финансии и вицеканцелар во кабинетот на Меркел во последните четири години.

Поврзани новости